Свет
11. April 2019 - 10:31

Во Австралија на 18 мај ќе се одржат парламентарни избори

Политичките партии во Австралија почнаа кампања за федералните парламентарни избори кои ќе се одржат на 18 мај.

Премиерот Скот Морисон денеска го објави датумот на изборите по состанокот за распуштање на Долниот дом на Парламентот, одржан со генералниот гувернер Питер Косгроув кој ја претставува британската кралица Елизабета, која е шеф на државата Австралија.

Малцинската конзервативна Влада на Морисон од денеска до изборите е со ограничени овластувања.

Неговата владејачка коалиција кампањата ја гради врз ветувања за пониски даноци, подобра економија и стабилност, додека опозицијата води кампања за зголемени плати, трошоци за здравство и образование и активности за климата.

– Живееме во најдобрата земја во светот. Но за да ја осигуриме вашата иднина, патот напред зависи од силната економија. Затоа, овие избори се многу важни, рече Морисон.

Лидерот опозициските лабуристи Бил Шортен, се согласи дека „Австралија е одлична земја“.

– И можеме да ја направиме уште подобра земја ако се погрижиме никој да не е занемарен, истакна Шортен.

Третата по големина партија во Австралија, Зелените се фокусира на обновлива енергија, животна средина, бегалци и климатски активности.

– Забележав дека Скот Морисон ја почна предизборната кампања, но не ги спомна зборовите климатски промени. Ние знаеме дека лабуристите не се сериозни во врска со климатските промени, бидејќи тие немаат план како да го отстранат јагленот и да воведат обновливи извори, рече лидерот на Зелените, Ричард Ди Натале.

Околу 16 милиони луѓе се запишани во избирачкиот список на Австралија, каде гласањето е задолжително и неисполнувањето на оваа должност парично се казнува.

На изборите ќе се пополнуваат 151 пратеничко место во Претставничкиот дом, каде овој пат има едно место повеќе поради порастот на населението.

Австралиската Влада ја формира партијата која ќе добие мнозинство – најмалку 76 места во Долниот дом, и има мандат од најмногу три години.

Исто така, на изборите ќе се избира и половина од Сенатот, односно 38 места. Горниот дом на Парламентот секои шест години има избори за половина места.