Македонија
24. јуни 2019 - 9:12

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги ограби граѓаните и докажа дека не може да донесе подобар стандард

Смената на министерот за финансии ја потврди катастрофата која СДСМ и ја донесе на македонската економија. СДСМ конечно призна дека во изминативе две години работи расипнички со народните пари и ги осиромашува граѓаните.

Но, на Македонија и следат уште поцрни денови затоа што нов министер за финансии е Зоран Заев, криминалец аболициран за финансиски криминал и чие семејство непрекинато се занимава со матни зделки ограбувајќи ја државата.

Додека Заеви се чекор поблиску крадење на парите на граѓаните, власта која ја уништи економијата манипулира со граѓаните дека им ги враќа парите и промовира мерка за поврат на ДДВ од која единствено бенефит ќе имаат најбогатите.

Со оваа мерка, според потрошувачката кошничка едно просечно четиричлено семејство ќе добие само 156 денари месечно или 1.872 денари во годината. Тоа е многу далеку од ветените 30.000 денари со кои според Заев граѓаните во годината ќе можеа да вратат кредит, да платат годишен одмор или да реновираат соба во својот дом.

За да стигнат граѓаните до тие фамозни 30.000 денари со кои манипулира СДСМ, потребни ќе бидат 16 години, што значи дека собата ќе дојде повторно да се реновира, а граѓаните нема да го имаат исплатено кредитот од првото реновирање.

Додека власта промовира мерки за мачкање на очи, расте сивата економија, а пораснаа и даноците, сметките на граѓаните, цените на мало, цената на нафтата како резултат на покачената акциза, а со тоа драстично пораснаа трошоците за живот. Како последица на расипничкото и криминално работење на власта на Зоран Заев над 500.000 граѓани се наоѓаат под прагот на сиромаштијата и не знаат како ќе го преживеат месецот.

СДСМ ги ограби граѓаните и докажа дека не може да донесе ниту подобар стандард ниту реални мерки со кои граѓаните ќе живеат побогато. Животот кој Зоран Заев го ветуваше всушност стана беда во реалноста. Затоа СДСМ и Зоран Заев мора што поскоро да си заминат за да може македонската економија да оди напред.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ