Македонија
20. July 2015 - 18:40

ВМРО-ДПМНЕ: Партиското седиште е изградено во легална постапка

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека целокупната постапка околу изградбата на новиот објект на партијата, од избор на инвеститор, па се до ден денес се врши легално и транспарентно, а за тоа, како што посочуваат, постојат и уредни документи. 

Од партијата информираат дека и постапката за добивање на употребна дозвола за објектот од страна на инвеститорот е направена во рокови кои се пропишани и за овој објект. Објектот, додаваат, се уште не е ставен во функција.

Обвинувањата од градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, според ВМРО-ДПМНЕ се ниска медиумска манипулација за што, како што велат, говорат фактите дека тој според нивните информации, нема официјално побарано никаков увид во објектот до ниедна од споменатите институции.

- Исто така Жерновски ја доведува јавноста во заблуда, бидејќи во законите не се предвидува заеднички увид на објекти на спометнатите институции. Жерновски или не ги знае законите или свесно манипулира. Ова ги разоткрива лагите на Жерновски. Неговата ниска игра е толку провидна и безобразна, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, додаваат од партијата во недостиг на конкретни проекти од интерес на граѓаните, се обидува на очаен начин да добие медиумско внимание.

- Тој манипулира во јавноста со цел да го прикрие своето неработење и својата неспособност. Жерновски преку ваквите медиумски циркузи сака да се испере за аферите во кои се заглави со прескапата шминка на Боемската улица, бизнисот со бензиската пумпа на местото на пазарчето Буњаковец и последната епизода со приватниот спор на две приватни лица за рушење на дивоградби на Водно во кој се обиде да ја вмеша Владата, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.