Македонија
9. April 2017 - 9:50

ВМРО-ДПМНЕ: Народот не дозволи раскрчмување на државните и национални интереси

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повтори дека излезот од политичката криза во државата се нови парламентарни избори затоа што смета дека само така граѓаните јасно и недвосмислено ќе може да се изјаснат околу тиранската платформа. - Само така граѓаните на Република Македонија нема да се чувствуваат измамено, се вели во соопштението. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, народот ги прочитал лагите на СДСМ и не им дозволил да ги раскрчмуваат највисоките државни и национални интереси.

Албанските партии, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потврдиле дека има платформа, а претседателот на СДСМ Зоран Заев има обврска да ја реализира.

Според ВМРО-ДПМНЕ,  Заев е уценет и како што стои во соопштението, за да не оди во затвор мора да испорача се што ќе се побара од него, да го смени законот за јазици и да го официјализира албанскиот на цела територија, што ќе претставува вовед во редефинирање на Македонија во бинационална држава, да ги смени банкнотите, униформите и да ги осуди борците од НОБ за геноцид, да отвори дебата за промена на знамето, химната и грбот, да ги отпочне процесите на кантонизација и федерализација како вовед во промена на името на државата.

- Народот го гледа сето ова и храбро одлучи да му се спротистави на злосторничкото здружение во раководството на СДС, се вели во соопштението и се истакнува дека СДСМ е на спротивна страна од народот и гледа непријатели во сите кои си ја сакаат татковината.

Граѓаните, истакнува ВМРО-ДПМНЕ, со право се револтирани и со право се на улиците 40 дена. Тие јасно го кажуваат своето мислење за деструктивната политика која СДС ја води.