Македонија
4. July 2017 - 12:31

ВМРО-ДПМНЕ: Исплата на правата од социјална заштита е редовна активност

Исплатата на социјална помош, пензии, плати, субвенции е редовна обврска на министерствата. Овие обврски ќе се исполнат и без ангажманот на министрите на СДС, бидејќи ова се редовни дневни активности на државната администрација. Нивната улога е да ги решаваат проблеми на граѓаните и да реализираат нови проекти, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението од Министерството за труд и социјална политика дека почнала исплатата на правата од социјалната заштита.

- Време е Владата предводена од СДС и нивните министри да се фати за работа и реализација на ветувањата кои им ги даде на граѓаните наместо да се фали со работи кои се нивна редовна должност и обврска. Не можејќи да се пофалат со нови проекти и мерки кои ги ветуваа во изборниот период, министрите на СДС пуштааат соопштенија за исполнување на редовни обврски, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Не би било чудно, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, наскоро да се пофалат преку соопштение дека министрите дошле на работа во редовен работен ден, и дека одржале и седница на влада или дека институциите ги отвориле шалтерите благодарение на нивниот труд. 

- Додека се расфрлаат со фалби за редовни обврски нема ниту збор за долго најавуваните зголемувања на платите. Граѓаните ја очекуваат минималната плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари, а лекарите очекуваат плати од 100.000 денари како што СДС вети изборната кампања, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека граѓаните ги очекуваат и најавените 500 километри автопат и 30.000 денари на крајот на годината од поврат на ДДВ.