Македонија
21. September 2018 - 16:21

ВМРО-ДПМНЕ бара одговори за уставните измени

Власта да не ги доведува граѓаните во заблуда и за да може да донесат правилна одлука на референдумот веднаш да им каже што точно планира да менува во Уставот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска праша, дали официјална Атина ги изготвила измените на македонскиот Устав.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали со измените во Уставот власта ќе прифати дека надвор од границите на Македонија не постои ниту македонски народ, ниту македонски јазик и дали уставните измени ќе дефинираат во преамбулата дека македонскиот народ се борел за создавање на Северна Македонија.
Прво да помине референдумот па потоа на граѓаните ќе им кажеме што ќе менуваме во Уставот, одговори денеска вицепремиерката. Таа демантираше дека измените на македонскиот Устав се готват во Грција.

На 9 дена пред референдумот веќе нема дилема дека без разлика на неговиот исход, клучната одлука за промените во Уставот ќе ја носи македонското Собрание. Според актуелниот распоред на силите, мнозинството без поддршка на пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема можност да го измени највисокиот правен акт. Еден по еден, поголемиот дел од пратениците на најголемата опозициска партија веќе два дена на социјалните мрежи објавуваат дека нема да гласаат за промена на Уставот без разлика како ќе заврши референдумот.