Македонија
16. August 2022 - 16:35

Власта задоволна од договореното, опозицијата и Демократскиот сојуз сметаат дека е извршено предавство

Демократски сојуз предупредува дека со решенијата од мешовитата историска комисија се сечат македонските корени и  бараат од Владата да не ги прифаќа. Обвинуваат дека таквите заклучоци се во полза на бугарската национална кауза. Според лидерот на партијата Трајанов комисијата доколку не може да го издржи политичкиот притисок треба веднаш да се самораспушти. Обвинува дека само политичари и функционери без национална свест и со лукративни цели може да дозволат вакви решенија.

Трајанов вели тој нема против бугарите да бидат дел од уставот, но тој нема да гласа доколку не се постигне ист договор и за македонците во Бугарија. Левица обвинува дека историската Комисија е целосна служба на врховизмот а поразот во Македонија веќе се слави како победа во Бугарија.

„Парцијално и надвор од контекст ќе се толкува целиот период од почетоците на словенската писменост, кое е прашање што ги засега не само Македонците, туку и сите словенски народи. Како може јазикот на несловенски народ да биде темел на словенската писменост е прашање кое „научниците“ кои ја договориле ваквата интерпретација на историјата треба итно да го одговорат! Оние кои беа на погрешната страна и поразени во Втората светска војна, денес ги диктираат нашите учебници – што е флагрантно кршење на суверенитетот на државата.“

Од владејачката СДСМ изразија задоволство што со овие решенија се затвора уште едно отворено прашање, а македонскиот идентитет и посебност се целосно заштитени.

Од ВМРО ДПМНЕ побараа доколку премиерот и СДСМ се сигурни дека имаат 80 пратеници уште на првата седница во Собранието да ги стават на дневен ред уставните измени за вметнување на бугарите во Уставот. А доколку не им поминат,  да се распушти парламентот и да одат на предвремени избори.