Македонија
7. December 2015 - 15:00

Владини претставници и пратеници во работна посета на Министерството за економија

Владина делегација предводена од вицепремиерот Фатмир Бесими и пратениците Ермира Мехмети и Артан Груби денеска престојуваа во работна посета на Министерството за економија.

Министерот за економија Беким Незири истакна дека на средбата било детално информирано што е реализирано од страна на Министерството за економија како дел од програмата на Владата и како дел од програмата на Демократската унија за интеграција ДУИ.

- Подробно информиравме за секој детал, тргнувајќи од вработувањата направени во Министерството за економија, како резултат на кои е подобрен квалитетот на работењето во Министреството. Информиравме дека во делот на концесии се дадени 63 концесии во Македонија, од кои 18 во западниот дел на  Македонија, со што се отворени нови работни места особено во северо-западниот дел. Општините од концесионерите добиваат околу 4 милиони евра и има околу 190 вработувања во тој дел, додека од вкупно 63 концесии вработувањата достигнуваат околу 750 на ниво на цела Република, рече Незири по средбата. 

Во делот на енергетиката според Незизи биле истакнати три поголеми капитални проекти.

- Во делот на гасификацијата, Република Македонија е поделена во три региони, скопски, западен и источен регион. Источниот и западниот регион ќе почнат во исто време, во 2016 година и се очекува да завршат во 2020 година. За гасификација на овие два дела се обезбедени околу 100 милиони евра. Само во делот на Тетово, Гостивар и Скопје се предвидени 48.841.000 евра, а останатите средства се предвидени за источниот дел на Македонија, рече тој.

Проектот „Бошков мост“, продолжи Незири, е еден од круцијалните, вреден околу 107 милиони евра, за кои средствата се обезбедени А.Д. ЕЛЕМ и од Европската банка за обнова и развој.

- Поврзувањето со 400 КВ напон меѓу Елбасан и Битола, проект за кој веќе се обезбедени средствата и во четврток ќе биде потпишан договорот меѓу А.Д. МЕПСО и Европската банка за обнова и развој и обезбедени се средства од 49 милиони евра, од кои 17 милиони се грант неповратни средства, рече Незири, додавајќи дека се дадени и 61 концесија за мали хидроелектрани, од кои 23 се во западниот дел на Македонија. 

Незири, исто така, нагласи дека во Македонија веќе функционираат 15 слободни економски зони, од кои три во западниот дел. - Со одлука од Влада донесена на 1.12.2015 година, се задолжува директорот на ТИРЗ да ги направи сите потребни чекори за отворање на уште една слободна економска зона во Липково и една дополнителна во Куманово, истакна тој.

Целта на посетата, како што соопшти Министерството за економија, е владините претставници и пратениците да се запознаат со проектите кои се реализирани во ова министерство, како и за оние кои се во тек.