Бизнис
22. May 2018 - 20:21

Владата ќе прави напори да обезбеди заем за рестартирање на Југохром

Државата прави напори да обезбеди заем и рестартирање на Југохром

Владата вети помош за доизградба на системот за отпрашување, со што Комбинатот ќе ги исполни еколошките стандарди и ќе го рестартира производството.

“Преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, Владата ќе најде начин да обезбеди средства во форма на заем за Југохром”, соопштија од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, по средбата со претставниците од Југохром. 

Од менаџментот на фабриката се оптимисти дека на есен Комбинатот ќе го рестартира производството и очекува враќање на работниците на работа.

“Стојам на зборот дека Југохром до почетокот на ноември ќе постави филтер станици на печките број 7 и 8 и повторно ќе почне со работа”, вети сопственикот Васко Скендеровски.

Недостигот од финансиски средства беше причина за застој на изградбата на филтрите, а исполнувањето на еколошките стандарди е услов за рестартирање на фабриката.

Досега, Југохром инвестираше околу 800.000 евра за изградба на филтрите, но за целосно имплементирање на системот за отпрашување потребни се вкупно 4.170.000 евра.

Комбинатот не работи од ноември минатата година.