Бизнис
29. August 2017 - 19:49

Владата донесе одлука да станат јавни договорите за државна помош со странските инвеститори

Владата донесе одлука да се покрене постапка со која ќе станат јавни сите информации и договори за доделување државна помош на странските инвеститори.

Владината прес-служба попладнево соопшти дека на денешната седница е донесена одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување на државна помош, склучени меѓу Владата и странските инвеститори.

- На денешната седница, Владата донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори, се вели во соопштението. 

За ефикасно спроведување на одлуката, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании и утврди рок од седум дена за реализација на оваа иницијатива.

- Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со Планот 3-6-9, се наведува во соопштението од владината прес- служба.