Македонија
13. February 2018 - 9:35

Високи дипломати од Чешка и Словенија во посета на Македонија

Во заедничка работна посета на Република Македонија денеска ќе допатуваат заменик министерот за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Република Чешка, Јакуб Дур и државниот секретар во Министерството  за надворешни работи на Република Словенија, Изток Мирошич.

Високите претставници од чешкото и словенечкото МНР ќе имаат средба со државниот секретар во македонското МНР, Виктор Димовски при што ќе разговараат за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, внатрешно-политичката состојба во земјата и односите со соседите.

Како што соопшти македонското МНР, во рамките на посетата, високите дипломати од Чешка и Словенија ќе остварат средба и со заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Дур и Мирошич ќе одржат и заедничко предавање пред студентите од отсекот за политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.