Македонија
3. November 2019 - 16:31

Вишата обвинителка Симовска на местото на Фетаи и Бубевски за предметот ,,Титаник 2‘‘ пред апелација

Обвинетите во предметот Титаник 2 нема да се соочат со обвинителите од СЈО за разгледување на жалбите во Апелациониот суд. Наместо Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, на утрешната седница предметот ќе го застапува вишата јавна обвинителката Соња Симовска. Ова следи по преземањето на предметите од СЈО од државното обвинителство, па во иднина за сите жалби на обвинетите или обвинителството, наместо екс специјалните обвинители, предметите пред апелациониот суд ќе ги застапуваат обвинители од Вишото јавно обвинителство. Обвинителите од СЈО, велат дека оваа процедура се применува како и во сите предмети кои ги работат редовните обвинители.

Жалбите за пресудите во предметот Титаник 2 следат откако во март годинава, на затворски казни беа осудени поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Претседателот на ДПА, Мендух Тачи и членови на Државната изборна комисија која постапувала по приговори за локалните избори во 2013-та година. Заработија затворски казни од 3 до 4 и пол години.

Во доказите, се користеа и незаконски снимените разговори меѓу Мијалков, Тачи и Бедредин Ибраими.

Инаку неодамна, за истиот изборен процес, Ел Чека објави разговор меѓу Радмила Шеќеринска и Фатмир Бесими во кој се договара начинот на гласање на седница на ДИК за локалните избори 2013-та.