Македонија
20. April 2021 - 21:26

Виенски економски институт: Во Македонија има прилив на мозоци

Прилив наместо одлив на мозоци. Ова го покажува истражувањето на Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Но тоа не значи дека стапката на млади кои се иселуваат е ниска, но си заминуваат тие кои имаат пониско образование. Тие кои одат да се образуваат надвор пак, се враќаат дома. Ваквиот феномен од Институтот го нарекуваат „brain gain“ односно прилив на мозоци. А, освен во Македонија се забележува и во Србија и во Црна Гора, за разлика од другите држави од Западен Балкан. Истражувањето е направено од 2010 до 2019 година.

Експертите од земјава велат дека младите во Македонија само чекаат да заврши пандемијата за да си отидат. Универзитетскиот професор Лазар Јовевски посочува дека стапката на невработеност кај младите се уште е најголема и оти сепак повеќе млади си заминуваат отколку што се враќаат.

-Ако го гледаме истражувањето подетално тоа алудира на тоа дека невработеноста е најголема токму кај младите и дека токму овој процес на враќање назад на високообразуваниот кадар не значи дека немаме спротивен ефект, односно заминување на младите од Македонија, вели Јовевски.

Според Јовевски, младите не заминуваат само поради финансии, туку и поради начинот на живот во државата.

-Покрај економските и финансиските причини за кои сите знаеме, станува збор и за одредени причини каде што имаме концепт на незадоволство од општествената ситуација, пошироката општествена ситуација, од правниот систем, дали имаме владеење на правото или не. Целокупните односи меѓу граѓаните, корупцијата која што постои со децении наназад, вели Јовевски.

Институтот на Владите во регионот им порачува дека мора да ги засилат напорите за да ја намалат стапката на невработеност кај младите и да создадат квалитетени и платени работни места. Миграцијата на младите се поврзува и со слабите можности за вработување и со високо образование. На многу полиња на студии има прекумерна понуда на дипломирани студенти кои потоа тешко наоѓаат работа. Институтот посочува дека политиките за високо образование мора да се усогласат за да бидат фокусирани на потребите на пазарот на трудот.