Свет
29. September 2022 - 11:28

Венесланд: Израел не ја почитува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2016 година

Претставникот на Обединетите Нации (ОН) за Блискиот Исток, Тор Венесланд оцени дека Израел не ја почитува резолуцијата на Советот за безбедност од 2016 година. Со неа, се бара итно запирање на проширувањето на еврејските населби на териториите каде Палестинците сакаат да основаат идна држава.

На состанокот на Советот синоќа, Венесланд посочи дека Израел ги остварува плановите за изградба речиси 2.000 нови станбени единици, а ниту Израелците ниту Палестинците не ги исполниле ни другите барања наведени во резолуцијата, спречување на секое насилство врз цивили, воздржување од провокации, подбуцнувачка и потпалувачка реторика, разликување на израелски територии и територија под окупација и вложување колективни напори да се започнат преговори.

Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас – Гринфилд изјави дека администрацијата на актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, од старт го поддржува решението за конфликтот меѓу двата народа по моделот две држави.

Таа потсети дека Бајден тоа им го потврдил на светските лидери на неодамнешното заседавање на Генералното собрание на ОН. Слични повици, како што додаде таа, упатиле многу лидери и го пофали израелскиот премиер Јаир Лапид, кој зборуваше за својата визија „две држави за два народа“.

Томас – Гринфилд истакна оти и палестинскиот претседател Махмуд Абас ја изразил својата посветеност на ненасилството.

Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур го повика Советот за безбедност на ОН да почне да ги применува своите резолуции и предложи практични чекори за да се отвори вратата за „политичкиот процес“.

Претставникот на ОН за Блискиот Исток предупреди дека се поттикнува опасно влошување на ситуацијата, бидејќи нема мировен процес за ставање крај на окупацијата и решавање на конфликтот. Но, додаде тој, се создава и впечаток дека нема решение за конфликтот.