Бизнис
22. јуни 2016 - 14:50

Велешката метална индустрија „БРАКО“ќе вработува ученици од ССОУ „Коле Неделковски“

Ученици кои годинава матурирале во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес ќе имаат можност оваа лето да се вклучат во платена пракса во Металната индустрија „Брако“ во Велес,  врз основа на склучениот договор на БРАКО и ССОУ „Коле Неделковски“, а со поддршка на Општина Велес и Стопанската комора на Македонија.
 
Како што информира на денешната прес конференција Кочо Анѓушев претседател на Одбор на директори на „БРАКО“, најдобрите триесет ученици кои ќе бидат вклучени во праксата на 1 септември годинава ќе имаат можност да бидат и  вработени во компанијата.
 
Како што информира Анѓушев „БРАКО“ инвестира 4 милиони евра во изградба на нова хала за која веќе е набавена најсовремена опрема CNC компјутерски водени машини и за кои оператори ќе бидат обучени нововработените во оваа програма.
 
- Сметаме дека овие машини треба да ги водат млади обучени луѓе кои не се плашат од техника и технологија. Воедно сакам да искажам благодарност до ССОУ „Коле Неделковски“, со кои воспоставивме соработка како и со Општина Велес. Ова е можност за младиот кадар од ова училиште прво практично да се обучи, а потоа и да најде свое вработување. Што е посебно важно соработка со училиштето  нема да биде еднократна туку трајна, а дел од нашите постари машини на „БРАКО“ и кои се во добра состојба ќе бидат префрлени во училиштето за да можат на нив да се обучуваат и следните генерации ученици, потенцира Анѓушев.
 
Боро Ристовски директор на ССОУ „Коле Неделковски“ искажа голема благодарност до раководниот тим на „БРАКО“ и до Општина Велес за искажаната доверба и соработка.
 
- Ваков вид соработка е неопходна од аспект на пренесување на вештини и знаења, но уште повеќе со можност за вработување. Тоа многу придонесува и за развој на заедницата преку создавање добро обучени и подготвени кадри кои ќе продолжат да создаваат кариера на локално ниво, потенцира Ристовски.
 
Бранко Азески претседателот на Стопанската Комора на Македонија која го подржа овој проект информира дека ова е прв ваков пример во Македонија.
 
- Овој пример на кој работиме веќе една година е по пример во Германија, Австрија и Швајцарија и тој е одлична можност за соработка на стопанството и образованието што е многу важно за развојот на стопанството во една земја, потенцира Азески.
 
Како што потсети Кочо Анѓушев, „БРАКО“ е лидер за производство на метални, челични, жичани и други производи  кои се неоходни за индустријата, медицинскиот и транспортниот сектор.
 
- Веќе 13 години „БРАКО“ е препознатлив возен бренд на Македонија од секторот на металната индустрија, од кој дури 95 проценти од производството во Велес и неговата фабрика на „БРАКО“ која се наоѓа во Панчево во Србија е наменет за извоз во 21 држава во Европа како и САД и Јапонија. Вкупниот промет на „БРАКО“ моментално е близу 27 милиони евра, информира Анѓушев.