Македонија
14. October 2019 - 19:27

Вечерва владина седница во Битола

Прва владина седница која се одржува надвор од Скопје. Започнаа од Битола, а во наредниот период ќе се одржуваат седници во различни региони во државата. Теренските активности на министрите, пред одржувањето на седницата, започнаа со увидот на работите на рехабилитацијата на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола.

-Овој пат од 15-тина километри каде што е најмногу оштетен ќе биде во целост направен, претходно и Македонија Пат има санирано. Ќе биде направен во зададените рокови, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Увид беше направен и во напредокот на изградба на пречистителна станица за отпадни води во потпелистерските села Трново и Магарево.

-Идејата на проектот е да ги собереме сите отпадни води во НП Пелистер, тоа е клучно, а ова е еден од најголемите проектни активности од цел проект кој се одвива низ цела земја, a најголемиот удел е во НП Пелистер, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

Министерот Филипче го посети Здравствениот дом каде од неодамна матичните лекари се вклучени во дежурствата.

- Во сабота, а ќе разговараме и за недела кој е проблем како неработен ден, матичните лекари да се вклучат во Службата за итна помош во Здравствениот дом во Битола и на тој начин значајно да се олесни пристапот на сите жители од регионот до здравствените услуги. Она што го решаваме во моментот е мобилната аптека, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Вицепремиерот Анѓушев пак од РЕК Битола истакна дека Општина Битола е опфатена во првата фаза на мерката за субвенционирање инвертери.

-Доколку се видат значителни ефекти, во тој случај ќе се примени поширока акција која законски ќе се детерминира во делот на забрана на користење фосилни горива и дрва, но не можете на граѓаните да им забраните без да им понудите алтернатива и без притоа да помогне државата. И Битола и сите останатио региони заслужија да добијат компенззација за она што им се случуваше во изминатите години, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер.

На седницата на Владата во Битола, приоритет ќе добијат информациите и одлуките за проекти од непосреден интерес на граѓаните на пелагониските општини.