Ракомет
1. September 2017 - 15:40

Вардар пак го „пикира“ трофејот во СЕХА

Актуелниот освојувач на СЕХА-лигата, Вардар, в сабота против Металург ќе ја отвори сезоната во регионалното натпреварување, а првиот меч пред своите навивачи ќе го одигра во вторник против Горење.
 
Сезоната 2016/2017 беше најуспешна во историјата на Вардар, клубот покрај двете домашни и титулата во СЕХА-лигата ја освои и Лигата на шампионите. Целите на тимот се слични и за оваа сезона, да биде потврдена доминацијата во регионот и на домашна почва и да се обезбеди најмалку пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
 
Вардар сезоната 2017/2018 ја започна во Катар, каде што како европски првак учествуваше на неофицијалното светско првенство „Супер глоуб“ и го освои третото место.
 
„Почеток е на сезоната и очекувам тежок натпревар. Горење има добри млади играчи и има нов тренер. Играат брз ракомет во нападот и цврсто во одбраната 6-0. Очекувам тежок меч бидејќи имаме проблеми со повредите. Надвор од тимот се Недановски, Карачиќ, Циндриќ, Мораеш. Но, ако сакаме да играме на завршниот турнир во СЕХА, треба да победиме“, рече тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
 
„Ние сме фаворити, но очекувам тежок меч. Ние сме истата екипа, но не е сѐ исто. Сакаме пак да играме на Ф4, а доколку го сакаме тоа, мора да победиме. Горење е добар тим, со нов тренер, секогаш игра многу брзо и треба да бидеме концентрирани. Сезонава ние сме фаворити за титулата, но ќе треба да се потрудиме бидејќи сите со посебна мотивација ќе играат против нас. Очекувам да имаме добра сезона, со нетрпение чекам да започне“, изјави ракометарот на Вардар, Жоан Канељас.
 
СЕХА-лигата и оваа сезона брои десет екипи, но меѓу нив го нема унгарскиот првак Веспрем, а се вратија екипите од Србија.
 
„Веспрем беше тука лани, многу добар противник, сега го нема, но не значи дека ќе ни биде лесно. Тоа што Веспрем не е тука не значи дека треба да се опуштиме. Не треба уште сега да размислуваме што ќе се случи на завршниот турнир“, рече Раул Гонзалес.
 
Инаку, Вардар в сабота ќе му гостува на Металург (17.45 часот), а натпреварот во „Јане Сандански“ против Горење ќе се одигра во вторник (17.30 часот).