Македонија
27. November 2015 - 9:07

Ванхауте повикан на седницата на Анкетната за прислушувањето

Претседателот на Комисијата Петре Шилегов од СДСМ вчера рече дека разговарал со Ванхауте и дека тој ќе дојде на седницата за да се произнесе во врска со одлучувањето односно гласањето на претседателот на Комисијата во случај на еднаков број гласови. Ова е едно од неколкуте суштински прашања за кои членовите на Анкетната комисија не можат да се договорат и да го донесат деловникот за работа. 

Претставници на пратеничките групи во изминатите два дена се координираа за да го усогласат текстот на Предлог-деловникот, но тоа не се случи. 

Суштински разлики меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата има и за членот 1 кој се однесува на тоа врз основа на кои законски акти ќе работи Комисијата, во врска со начинот и времетрањето на излагањето на сведоците и за тоа дали да има директен пренос на собранискиот канал на седници на Анкетната комисија.

Несогласувања на вчерашното продолжение на седницата имаше и во врска со начинот на одлучување за членовите на Предлог-деловникот.

Белгискиот експерт Ванхауте посредува во разговорите на четирите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА за излез од политичката криза во земјата.