Балкан
10. March 2018 - 21:36

Вака падна хрватскиот Ескобар: Еве што пронајде полицијата во металните контејнери што стигнаа од Панама

Хрватската полиција во акцијата „НАНА“ во риечкото пристаниште заплени 100 кг. кокаин шверцуван од Јужна Америка во Хрватска.

Во таа прилика се уапсени десетина луѓе, а дрогата е пронајдена во контејнер со 20 тони мешан метален отпад.

Кокаинот е купен во Панама за 300.000 евра,  а Канцеларите за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) соопшти дека осомничените сакале дрогата да ја продаваат во земјите на ЕУ по цена од 21.000 до 33.000 евра по килограм.

Како водач на кланот се наведува Стјепан Прњат наречен „Ескобар“, кој според сомнежите на УСКОК, дрогата ја купил во Панама, а веќе е осудуван за истото кривично дело. Во Италија е осуден на 10 години и осум месеци затвор, а во Загреб му трае судењето за перење на пари од продажба на дрога.

Прњат родум е од Зеница. Во криминалните води влегол кога како момче се преселил во Франкфурт, а од 90-тите се занимава со продажба на дрога.

Сите со кои се сретнал Прњат тврделе дека бил мирен, сталожен и угледен господин и дека никому ниту на крај памет не му паднало дека водел паралелен живот. Инаку, по занимање бил металски работник, официјално невработен, но во тајна улога на шеф на меѓународен шверцерски ланец на дрога успеал од 2000 до 2007 година да заработи 14 милиони евра кои главно ги вложувал во луксузни недвижности.

Медиумите го нарекоа „хрватскиот Ескобар“ кога на крајот на октомври 2007 година во Германија е уапсен под обвинение дека бил шеф на наркооктопод кој ги снабдувал европските земји со кокаин.

Прњат, кој во Италија отслужил десетгодишна затворска казна за шверц на кокаин, а кому во Загреб моментално му се суди поради перење на 2,5 милиони евра од пред 12 години, е уапсен во Словенија. Интересно е што по излегувањето од италијанскиот зтвор живеел примерно. Официјално, последните две години на условна слобода работел во засолниште за бездомници во Равена, а очигледно, во меѓувреме планирал враќање во бизнисот.

Килограм кокаин во Колумбија е платен 3.000 евра, а цената по која требало да биде продаден на подрачјето на Холандија, Италија, Словенија и Хрватска била од 20 до 30.000 евра по килограм. Првата испорака е платена однапред. Прњат за неа зел 300.000 евра во Јужна Америка, а со нејзината продажба тебало да заработи најмалку 2 милиони.

Исто така, од прислушуваните разговори е откриено дека Прњат купувањето на дрогата го договарал со непознат маж по име Пабло, кого Прњат во разговорите со останатите членови на групата го опишувал како високо рангирано лице во јужноамериканското нарко-милје.

Една жена која исто така своето сведочење не сакала да го повтори на суд, рекла дека Прњат во Колумбија го чувала колумбиската војска и дека лично одел во лабораториите, во прашумата за да се увери дека стоката е со соодветен квалитет.