Македонија
30. јуни 2022 - 12:32

Утре во Прилеп стартува фестивалот „Пеце Атанасовски“

По 12 пат во Прилеп започна Семинарот за народни песни и инстирументи кој се одржува во состав на Фестивалот „Пеце Атасовски“ чие 48-мо издание треба да започне вечерта во петок на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. На овој семинар учествуваат 10-тина млади од повеќе краеви на Македонија, кои оваа година ги изучуваат македонските песни од Овчеполието. Младите велат дека се дел од овој настан затоа што сакаат да научат повеќе за нашиот фолклор. Велат дека има интерес кај нивните врсници да се продолжи да се изучува нашата традиција. 

„Кога ќе се примети дека во денешно време веќе почнува да изумира народната традиција, ние правиме се што можеме и е во наша моќ да ја сочуваме во што поархаична форма што била“, вели Мартина Муневска, студентка на музичката академија во Штип.

„Кај повеќе млади приметувам како созреваат и дознаваат што сакаат да прават има многу интерес не само за овој инструмент, општо и за другите инструменти“, рече Филип Анастасов, учесник од Велес.

Дел од учесниците на семинарот, освен што свират на народните инструменти истите ги изработуваат.

„Изработувам народни инструменти тамбура, ќемане, гајда, ги изработувам од љубов бидејќи исто така и свирам на нив. Откако почнав да одам во фолклорни групи и од љубовта кон тие инструменти добив желба да ги изработувам“, кажа Бобан Анакиев, израборувач на народни инструменти.

Професорите кои предаваат на Семинарот велат дека целта била младите да се воведат подлабоко во тајните на традиционалната музика, вокалното пеење и инструменти. 

Десетина семинаристи, меѓутоа добро потковани, сите едуцирани во тој правец кој сакаат да го негуваат и да го продолжат она традиционално свирење и пеење“, изјави М-р Горан Василески, секретар на фестивалот „Пеце Атанасовски“.

„Јас лично се трудам и овие идни мои млади колеги мислам дека се искрени љубители на она старото, архаичното, традиционалното“, истакна Д-р Горанчо Ангелов, професор на музичката академија во Штип.

Предавачите велат дека секоја година бројот на учесници се зголемувал што особено им претставувало големо задоволство.

Ќе се потрудиме следната година да имаме многу повеќе учесници, многу повеќе семинаристи со тоа што би сакале да имаме и од странство за да можат да ја изучуваат нашата традиционална македонска музика“, вели М-р Стојанче Костов, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје.

Инаку од пријавени 350 мина, комисијата селектирала 300 кои ќе бидат дел од годинешното издание на Фестивалот.

„Важно годинава успеавме да оствариме контакти со одредени групи од странство, се пријавија групи од Србија, имаме една група која ќе ни дојде на фестивалот од Србија“, потенцираше Д-р Родна Величковска, Уметнички директор на фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Фестивалот ќе се одржува 2 дена првиот ден во петок на Камената бина во Прилеп, а вториот ден, во саботата во Долнени, кај месноста Рудина.