Македонија
13. April 2021 - 21:14

Утре пред пратениците петтиот пакет мерки економска помош

Петтиот пакет економски мерки утре конечно ќе се најде пред пратениците. Закажани се две седници на Комисијата за финансирање и буџет на коишто треба да поминат законските решенија на кои веќе два месеци чека стопанството и граѓаните. Приоритетни се законите со кои фирмите ќе ја добијат помошта за исплата на плати. Но се очекува пратениците да ги изгласаат и заостанатите мерки од четвртиот пакет.

- Моето очекување како претседател на комисијата е дека расправата ќе ја завршиме во текот на утрешниот ден и според мене ќе се создадат услови за да утре попладне имаме пленарна седница и конечно да бидат изгласани овие закони, да бидат објавени во Службен весник и што побрзо директната помош да стигне и кај компаниите и кај граѓаните, вели претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Тимчо Муцунски.

Илјадници граѓани уште немаат земено плата за февруари, а голем дел од нив се пратени на принуден одмор поради доцнењето на државната помош. Од бизнис секторот велат дека сега пак е неизвесно дали компаниите ќе ги вратат на работа отпуштените работници.

Од УЈП информираа дека околу 7.000 фирми уште не ја исплатиле февруарската плата. Поради блокадите во Собранието рокот за аплицирање за субвенции за плати е продолжен до 15-ти април.