Свет
22. November 2016 - 12:56

Укината казната доживотен затвор за Мохамед Морси

Египетскиот Апелациски суд ја укина казната доживотен затвор за поранешниот претседател Мохамед Морси, соопшти угледниот каирски весник „Ал Ахрам“.

Апелацискиот суд наложи ново судење на Морси, во врска со обвинувањето за правење заговор, за извршување терористички напади со странски организации, пренесува ТАСС.

Минатата недела. судот ја укина и смртната казна за Морси во врска со друго обвинување, за масовниот затворски бунт во 2011 година.
Тој сепак и натаму останува во затвор, затоа што издржува долгогодишна казна затвор за неколку други кривични дела, во два посебни судски процеси.

Мохамед Морси беше избран за претседател на Египет во 2012 година, но една година подоцна беше тргнат од власта, по масовните и долготрајни протести во Каиро и во другите градови од Египет, против засилената исламизација и неговата власт.

Армискиот врв кој го изврши воениот удар, откри подоцна дека земјата се наоѓала на работ од „крвопролевање“ во судирањата на исламистите и секуларистите.

Новата власт го укина и го забрани ислмистичкото движење на Морси и организацијата Муслиманско Братство, која стоеше зад неговата политичка власт, што предизвика протести на исламистите, со стотици мртви и неколку илјади уапсени лица.

Во мај 2015 година, Морси и тројца други високи функционери на Братството, беа осудени на доживотен затвор, обвинети за правење заговор со странска организација, за дестабилизација на Египет.

Во тој процес, 16 други лица беа осудени на смрт.

Во соопштението што го објавува „Ал Ахрам“ се вели дека освен казната на Морси, укинати се и смртните казни на  другите 21 лице, на кои одново ќе им се суди.