Бизнис
23. August 2019 - 17:47

УЈП во контрола за „Рекет“

Од понеделник почнува финансиската контрола на фирмите поврзани со Боки 13. Управата за јавни приходи ги издаде налозите на одговорните лица за да почне постапката за преземање на документацијата. Ќе се чешла работењето на Меѓународниот сојуз, на БМЈ груп и 1 ТВ. Одговорните лица на БМЈ и 1ТВ уште утрово ги примиле налозите од Управата. Првоосомничениот во аферата „Рекет“ налогот го доби попладнево во истражниот затвор во Шутка откако претходно УЈП бараше дозвола од Кривичниот суд за двајца инспектори да го посетат во затворот.

Постапката за врачување на налогот траеше околу еден час затоа што Боки 13 денеска се жалел на здравствени проблеми, па се чекало итната медицинска помош да заврши со интервенцијата.

Пред два дена директорката на УЈП најави дека заклучно со денеска налозите ќе бидат готови и дека Упрвата е подготвена да провери како работеле овие фирми, но и правните и физичките лица поврзани со нив.

Дали освен овие три фирми, УЈП ќе проверува и други и колку долго ќе трае истрагата засега останува неизвесно.

УЈП нема прв пат да се занимава со фирма поврзана со Јовановски. Во јуни ја блокираше сметката на 1ТВ. Блокадата беше заради неплатен ДДВ во износ од 927.946 денари заклучно со 31 мај. Долгот беше платен истиот ден, и сметката веднаш беше деблокирана.