Бизнис
19. April 2021 - 16:55

Угостителите утре на протест, Владата најавува 6-ти пакет мерки

Угостителите и туристичките работници утре излегуваат на протест. Околу 6.000 фирми од двата сектори и нивните вработени точно напладне ќе го почнат протестот пред министерството за финансии. Ќе им се приклучат и игротеките и многу други сектори кои се целосно затворени. Од комората повторија дека ќе останат на улица се додека не им се исполнат барањата.

-Се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум, односно репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не ни се дозволи да работиме без рестрикции“, вели Перица Голомеиќ од ТУК при ССК.

Вицепремиерот Николовски пак вчера го најави носењето на шестиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството. Деталите ќе се знаат по утрешната владина седница.

-Владата ќе донесе нов или ќе предложи нов пакет на мерки којшто ќе ги опфати сите оние субјекти кои што беа затворени изминатите две недели и коишто се погодени од кризата. Ќе бидат донесени нови десетина мерки во интерес и на фирмите и на граѓаните, најави вицепремиерот Николовски во гостувањето на Сител.

За најавениот нов пакет мерки, од туристичко угостителскиот сектор велат дека за нив е прифатливо само целосно исполнување на нивните барања.

-Петтиот пакет мерки беше најавен пред Нова Година, а гледаме кога се донесе. Поентата не е само да се најави нешто, туку да се изреализира и навреме да стигне онаму каде што е потребно. Во оваа ситуација сме поради тоа што мерките не се навремени и не се соодветно креирани пакетите, истакна Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Главните барања на туристичките агенции се еднократна неповратна помош и да се продолжи рокот на неискористените ваучери.