Балкан
29. March 2022 - 10:28

Ученик од Гвинеја се соочува со депортација од Грција поради одбиено барање за азил, денеска ќе се сретне со Мицотакис

– Како дете бегалец без придружба, пред три години пристигнал во Грција, успеал да се интегрира, да се школува и да биде одличен ученик во средно училиште во Атина, но поради одбиеното барање за азил, сега се соочува со депортација. Случајот со ученикот Саиду Камара веќе неколку дена е во центарот на вниманието на грчката јавност, јави дописничката на МИА од Атина.

Како одличен ученик, учествуваше на ученичката парада во Атина по повод националниот празник на Грција на 25 март, а проблемите со кои се соочува младиот Саиду, ги откри директорот на средното училиште Николас Какламанос, говорејќи за државната телевизија ЕРТ.

Целиот случај предизвика и политички реакции во земјата.

Лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас вчера разговараше со момчето, а Саиду денеска ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Во ноември 2019 година, тогаш 16-годишниот Саиду пристигнал на грчкиот остров Калимнос, откако претходно потонал чамецот со кој се превезувала групата бегалци и мигранти што пристигнале од Турција. Една и пол година бил сместен  во центар на Меѓународниот комитет за спасување IRC- Грција, а потоа префрлен во стан за лица над 18 години.

Се запишал на училиште, успешно се интегрирал, нашол пријатели, меѓутоа, во декември минатата година, било одбиено неговото барање за азил и сега се соочува со депортација од Грција.

Директорот на средното училиште објасни дека Саиду пред три години како дете бегалец без придружба, се запишал во училиштето, „по долгото патување од неговата татковина каде што се соочи со сериозни проблеми со дискриминација и семејно насилство“, а пред да дојде во Атина, бил во Сенегал, во Турција, а оттаму на Калимнос каде што бил спасен од потонатиот чамец.

-Самите деца се тие кои не сакаат да бидат лишени од другарот, како што и нашето училиште не сака да го изгуби својот ученик, појасни директорот на средното училиште и додаде дека момчето е „светол пример за интеграција во образовниот систем и во грчкото општество“.

Барањето за азил на Саиду ќе биде повторно разгледано, а министерката за образование на Грција Ники Керамеос соопшти дека „директорот на училиштето, професорите, соучениците и Министерството за образование се погрижиле за зајакнување на неговото досие со материјал поврзан со учеството и  достигнувањата во училишната средина“.