Бизнис
10. August 2020 - 16:38

Туристичките агенции заинтересирани да земат дел од колачот од ваучерот за туризам

Речиси 90 туристички агенции ќе добијат од колачот државни ваучери за туризам. Денеска на полноќ истекува рокот до кога агенциите може да се регистрираат на платформата „Дома си е дома“ и преку нив граѓаните да ги користат бесплатните ваучери за домашен туризам. Единствениот услов за пријавување е да поседуваат валидна лиценца за работа, велат од Министерството за економија. Вклучувањето во проектот беше едно од нивните барања за да се спасат од банкрот.

Сега може да склучат договор со некој од објектите за сместување, и покрај посредувањето да понудат и дополнителни услуги како транспорт, водич, храна, пијалоци и слично и со тоа нешто да заработат.

Сепак, агенциите не отстапуваат од ултиматумот кој го доставија до Владата – ослободување на превозоот од досегашниот протокол од  50 на 100%, како и субвенционирањето на платите. Во спротивно најавуваат масовни протести и блокади на улиците.

-Никој не сака да живее на товар од државата, но таа мора да застане на страната на секторите кои паднаа колена со појавувањето на корона кризата, реагираат туристичките работници.

Поради корона кризата туристичките агенции не работат речиси половина година. Останати без приходи, бараат помош од државата, за да ги покријат барем минималните трошоци за плата.