Македонија
7. July 2016 - 15:01

Тројца тешко и еден полесно повреден во сообраќајката кај Охрид

Три лица се тешко повредени, а едно полесно во сообраќајната незгода што денеска во 7 часот и 50 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево, на потегот меѓу селата Мешеишта и Требеништа, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Со возила на брза помош тројца повредени се пренесени во болницата „Св.Еразмо“, а едно лице на одделот за хирургија при Општата болница во Охрид.

Во тешката сообраќајна незгода, појасни Димоски, учествувале две патнички возила-џип „Порше“ со дипломатски ознаки и „Крајслер“ со американски национални ознаки, како и едно товарно моторно возило марка „Ивеко“ со македонски ознаки.  

- Двете патнички моторни возила, по магистралниот пат се движелe во правец од Охрид кон Кичево додека товарното возило „Ивеко“ сообраќало во обратен правец односно од Кичево кон Охрид. Во моментот се утврдуваат причините за сообраќајната незгода и дали се случила во момент на претекнување на возилото-џип  „Крајслер“ во кој се наоѓале трите сега тешко повредени лица над возилото „Порше“, изјави Димоски. 

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, сообраќаен вештак и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај - Охрид. За време на увидот, сообраќајот беше во прекин за товарните возила и автобусите додека патничките возила беа пренасочувани по локалните патишта.

Во соработка со Јавниот обвинител, се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на тешко повредените лица, а по негова наредба, врз моторните возила ќе биде извршено дополнително вештачење.

Димоски упати апел до сите учесници во сообраќајот, посебно до возачите на моторни возила внимателно да управуваат со возилата, да внимаваат при претекнување и на ограничената брзина, да внимаваат на нивната безбедност, но и на безбедноста на другите учесници.