Македонија
26. October 2019 - 14:44

Трка со теренски возила во Берово

Оф-Роад клубот „Црн Пантер” од Берово денеска е домаќин на трката со теренски возила која се реализира на кружната натпреварувачка патека ,,Мазно” кај местото викано ,,Јуовец”. Како што информираше организаторот Зоран Мазновски на трката се натпреваруваат учесници во осум брзински категории.

-Се работи за натпревар на земјена кружна патека во должина од 2100 метри. Се натпреваруваат теренски возила со зафатнина од 1700 до над 3000 кубика, како и теренски возила и мотоцикли без ограничување и разлика на запремнината и типот на моторот. Имаме 45 натпреварувачи од повеќе градови во Македонија, меѓу кои Делчево, Берово, Биница, Кочани, Штип и други градови. Натпреварот се состои од 3 (три) возења по патеката. За конечен пласман се зема резултатот од најдобро извозениот круг на патеката, вели Мазновски.
 
На настанот со тројца претставници учествува и Оф-роад клубот ,,Голак” од Делчево.
 
-Со организаторот имаме добра соработка, редовно учествувааме на сите настани кои ги организираат. Како спортски клуб од ваков калибар имаме редовна дружба со сите клубови од соседните градови, последен пат учествувавме на искачувањето на врвот ,,Сива Кобила”, а еве денеа со три возила очекуваме добро да се претставиме и овде во Берово, вели Јоцо Цонев од Делчево.
 
За најдобрите возачи како што додадоа организаторите ќе бидат доделени пехари, а по завршувањето на натпреварот ќе следи и заедничка држба со сите учесници на настанот.