Македонија
15. December 2016 - 8:50

Триенална изложба на графичката работилница „Софија“

Дела од четириесетина уметници ќе бидат претставени на триеналната изложба на Графичката работилница „Софија“, што ќе биде отворена вечер во Музејот на Град Скопје. 

Посетителите во наредните седум дена ќе можат да погледнат повеќе од сто уметнички дела, создадени на главните сесии на работилницата во последните три години. Станува збор за дела изработени во сите графички техники од уметници од ликовните академии во Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Сараево, Софија и Скопје.

На отворањето на изложбата ќе се обратат македонски графичар, професорот Костадин Танчев – Динка, кој е и претседател на Советот на графичката работилница и новинарот и критичар Евгенија Теодосиевска.

Станува збор за трета триенална изложба на Графичката работилница „Софија“, која е единствена од ваков вид во Македонија и веќе девет години традиционално се одржува на крајот на август и почетокот на септември во просториите на печатницата „Софија“ во Богданци. Досега низ неа продефилираа над 150 графичари од целиот регион, а улогата на ментори ја имаа универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, кое е организатор на работилницата, информираат дека нејзината цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за реализација на нивните дела.