Македонија
22. јуни 2019 - 16:47

Треба ли да се менува начинот на контрола и запирање на возила на автопат од страна на полицијата?

Додека истрагата да покаже како дошло до трагичната сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која две лица загинаа, а двајца беа повредени се поставува прашањето дали контролата е вршена на соодветно место и на правилен начин. Дополнително треба да се утврди дали станува збор за човечки фактор или пак за технички проблем на камионот кој удри во БМВ додека полициски службеници вршеле проверка. Според експертите за сообраќај делницата каде се случи несреќата била прегледна, а видливоста добра, но законот предвидува патролата на автопат во случај на брзо возење со ротационо светло да го следи и исклучи возилото на соодветно место.

- Законот е јасен, ако полициска патрола на автопатишта забележи возило кое се движи со висока брзина, со роатациони светла истото да го следи и да го исклучи на соодветно место, изјави проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска, од Техничкиот факултет во Битола.

Според професорката Буневска-Талевска ваков начин со следење и исклучување од сообраќај применувале полициските патроли на автопатиштата во соседството. Развиените земји имале соодветен систем за надзор и контрола на брзината. Во Србија пак се мерела брзината од патарина до патарина.

- Во Србија се мери брзината со која се движи возилото од една до друга патарина, додаде професорката Буневска-Талевска.

Во вчерашната сообраќајка на обиколницата на лице место почина 34 годишеник кој бил совозач во запаленото БМВ со гостиварска регистарски ознаки, а во Ургентен на повредите им подлегна 37 годишниот полициски службеник кој пред 3 дена добил решение од градска да работи во автопатската сообраќајна патрола. Неговиот колега кој исто така се здобил со повреди при сударот по укажаната помош на Клиниката за трауматологија синоќа побарал да биде пуштен дома, а возачот на камионот 37 годишен кумановец поради повредите на рбетот и рамото задржан е на КАРИЛ, но е во стабилна состојба.