Бизнис
12. January 2018 - 19:50

Тевдовски: Издадовме еврообврзница со најниска камата до сега, парите ќе се трошат за буџетски потреби

Парите од новата еврообврзница ќе се користат за повисоки плати во образованието здравството и повисоки капитални инвестиции. Односно покривање на буџетскиот дефицит и враќање на старите долгови, вели министерот Тевдовски.
 
Задолжувањето го првда со историски најниската каматна стапка од 2,75 отсто. Според него  државата ќе заштеди 90 милиони евра  ако се змеат в предвид каматите од другите еврообврзници. Малата камата е одраз на довербата на меѓународните кредитори во македонската економија. 
 
Тевдовски не одговори конкретно на кои капитални проекти ќе се трошат парите. Само посочи дека дел од средствата ќе одат за гасификација и трошењето на парите ќе биде продуктивно. Одлуката била транспарентна и објавена во Службен весник. Но поради ценовната чувствителност на информацијата јавноста не е информирана пред издавањето.
 
Првиот финансиер додаде дека за првпат каматната стапка е пониска од економскиот раст, и нема да ја  загрози проекцијата од 3,2 %. Побарувачката на инвеститорите била во износ кој надминува 3,5 милијарди евра односно 7 пати над понудата.