Бизнис
22. October 2019 - 18:01

Текстилниот кластер дебатираше за зголемувањето на минималната плата

Зголемувањето на минималната плата ќе донесе проблеми со работниците, кои не се продуктивни, оценија денеска членките на Текстилниот кластер во земјава, коишто на оваа тема дискутираа во Штип.

Побараа да се врати законското решение со коешто ќе можат на 20 отсто од вработените во една фабрика да им исплаќаат плата под минималната, а со цел какошто велат да ги зголемат платите на вредните работници. Но, ова законско решение беше укинато од Уставниот суд.

Претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска вели дека претходното зголемување на минималната плата  покажало дека дошло до намалување на продуктивноста на работниците, кои не ја исполнуваат нормата, односно какошто вели таа не ја заработуваат минималната плата.

– Сите членки се за покачување на платата. Меѓутоа за одржливоста на покачувањето на минималната плата, тука е веќе проблем. Имате најразлични предлози од субвенционирање на извозот, заради фиксниот курс на еврото. Имате во делот на должината на работното време, односно паузата да не биде платена, односно да не влезе во работното време, потоа во делот на државните празници, вели Перковска.

Дел од сопствениците на текстилните компании сметаат дека се добри новите мерки од страна на Владата, какошто е субвенционирањето за повисоки плати и мерката за нивелација, односно супституција на придонесите. Перковска забележа дека никој од работодавците не се противи за зголемување на платите на добрите работници, туку за зголемување платите на оние коишто не се продуктивни. Смета дека треба да се направи јасна разлика меѓу вредни, помалку вредни и не продуктивни работници.

– Сите велат ние можеме да ги исплатиме добрите работници, онолку колку што заслужуваат, рече Перковска.

Дел од членките на Текстилниот кластер излегоа и со предлог еден ден да покажат граѓанска непослушност, со цел да се слушне гласот на сопствениците на текстилните компании.

– Видете да ви кажам тоа е одлука за којашто треба да решат сите членки, како ќе решат, ние како претставници на Кластерот ќе мораме тоа да го пласираме, би требало да се најде некоја солуција, затоа што состојбите во текстилот подолго време не се најсјајни, рече Перковска.

Смета дека најголемите проблеми во овој сектор доаѓаат поради тоа што најголем дел од компаниите имаат лон производство. Според последните статистички податоци од 2017 година во земјава во овој сектор се вработени 35.000 лица, но таа бројка е намалена, со оглед на иселувањето на населението.