Свет
4. May 2016 - 8:45

Тед Круз се повлекува од републиканската номинација

Сенаторот од Тексас Тед Круз кој се бореше за номинација на републиканците за кандидат за претседател на САД, објави дека се повлекува од трката за Белата куќа по победата на милијардерот Доналд Трамп на внатрепартиските избори во државата Индијана.

– Со огромно жалење соопштувам дека ја прекинувам кампањата, изјави Круз пред свои приврзаници во Индијанополис.

– Дадовме се од себе, но гласачите претпочитаат некој друг пат, додаде сенторот.

Претседателот на Националниот комитет на републиканската партија Рајнс Прибас изјави дека Трамп е веројатната номинација на партијата откако Курз прекинува со кампањата, јави ДПА.

– Сега треба да се обединиме и да се фокусираме на пораз на Хилари Клинтон, напиша Прибас на Твитер. ДПА наведува дека постои поделеност во Републиканската партија за кандидатурата на Трамп бидејќи видни републиканци наведуваат дека никогаш нема да го поддржат милијардерот.

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс победи на партиските избори на демократите во Индијана, јавуваат американски медиуми.

Со 53 отсто гласови Сандерс ја победи Хилари Клинтон која според анкетите беше фаворит, но доби поддршка од 47 отсто гласачи при преброени 64 отсто од гласовите.

Победата на 74-годишниот сенатор според аналитичари е неочекувана откако претходно во анкетите Клинтон имаше седум отсто повеќе гласови во своја корист.

Експерти сметаат дека одлучувачка улога имала активната кампања на Сандерс во Индијана вклучително и неговите говори пред студенти во тамошни универзитети на кои им се допаѓаат идеите на “демократскиот социјалист“. Од Индијана се гласови на 92 делгата за конгресот на кој официјално ќе биде промовиран кандидат на Демократската партија за претседателските избори во ноември.