Живот
10. October 2017 - 9:04

Тажна вест: Почина познат македонски филмски уметник

Почина македонскиот филмски работник Коста Крпач на 90-годишна возраст.  Тој е роден на  01.06.1927 во Дебарца,  долги години работел како  филмски работник, пропагандист, промотор на културата, поет, новинар, уредник...

Од 1953 до 1956 година, одговорен уредник на месечното списание за литература и уметност „Млада литература“. Соработува со „Студентски збор“, „Македонија“, илустрираното списание за иселениците од Македонија, „Просвета“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Екран“ и италијанското списание „Панорама“.

Од почетокот на 1957 до крајот на 1983 година е вработен во „Вардар филм“, одговорен за пропаганда и комерцијален пласман на македонскиот филм во земјата и во светот, особено се залага за валоризирање на македонската кинематографија на просторите на поранешна Југославија и во светски рамки.

Долгогодишен член на Советот на Фестивалот и член на Управниот Одбор на Фестивалот на Југословенскиот игран филм во Пула, како и на Управниот Одбор на Фестивалот на документарен и кусометражен филм во Белград. Бил секретар на Сојузот на филмски работници на Југославија. Со македонски филмови учествува на повеќе меѓународни филмски фестивали во Москва, Оберхаузен, Краков, Лајпциг, Авелино, Тренто, Софија, Карлови Вари, Кан.

Во 1980 год. учествува со краткометражниот документарен филм на Столе Попов „Дае“ номиниран за престижната награда Оскар во Холивуд.

Учествува во презентирање на македонската кинематографија во рамките на Деновите на македонската култура, организирана од тогашната Републичка комисија за културни врски со странство во Братислава, Париз, Стокхолм, Гетеборг, Лондон, Бирмингем, Норич, Брисел.

Учествува во презентирање на македонската култура на манифестацијата во чест на Св. Кирил во Рим, а претставува македонски филмови во Рим и Неапол.

Како претставник на Македонија учествува во изготвувањето на Филмографијата на југословенската кинематографија (1966-1980).

Бил секретар на Сојузот на филмски работници на Југославија. Бил член на Управниот одбор на „Југославија филм“ (единствена институција за дистрибуција на филмови од поранешна Југославија во светот). Долгогодишен соработник на Кинотека на Македонија. Бил медијатор со свои воведни излагања на симпозиумите за нашето филмско творештво во организација на Кинотека на Македонија, од кои се публикувани седум книги.

Бил координатор на „Манакиеви средби“ во Битола, а со нивната трансформација во 1983 во Фестивал на филмската камера „Милтон Манаки“, организатор, а од 1988 до 1991 главен организатор.

Во 1965 година ја добива реномираната награда „20 години Југословенски игран филм“ која ја доделува Сојузот на филмски работници на Југославија. Во 2006 година Кинотека на Македонија му доделува Повелба за исклучителен придонес во кинотечната дејност. Во 2012 година е добитник е на наградата „Златен објектив“ која ја доделува Кинотека на Македонија за исклучителен придонес во македонската кинематографија.