Свет
3. August 2021 - 11:27

СЗО: Во европскиот регион над 60 милиони заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата

Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на коронавирус во европскиот регион надмина 60 милиони од почетокот на пандемијата. Воедно, СЗО потсети дека „патувањата во странство не се без ризик“.

– Крајот на пандемијата е далеку и за жал, има повеќе од 1,2 милиони смртни случаи во европскиот регион досега како резултат на Ковид-19, изјави Дорит Ницан, директорка за итни случаи на СЗО за европскиот регион.

Таа ја истакна важноста земјите да продолжат со заедничките напори за заштита на најранливите граѓани и ризични категории.

СЗО соопшти дека повеќе од 198,02 милиони случаи на Ковид-19 се регистрирани во светот, вклучувајќи околу 4,22 милиони смртни случаи, додека се администрирани речиси 3,84 милијарди дози вакцини.

– За да се запре пандемијата, треба да ги изедначиме можностите за вакцинација во сите земји, вклучително и поддршка за производство на вакцини и споделување дози по потреба, за да ја заштитиме ранливата популација во секоја земја, рече Ницан.

Процентот на вакцинирани е многу различен во 53 земји во европскиот регион на СЗО, кој вклучува земји од Гренланд на северозапад до крајниот исток на Русија.

– Бидејќи се покажа дека вакцините се ефикасни во спречување на сериозни болести и смрт, повеќе случаи на коронавирус во приоритетните групи ќе значат повеќе хоспитализации и смртни случаи. Затоа мора итно да ги вакцинираме приоритетните групи, истакна таа.