Живот
29. December 2020 - 8:54

Светот во 2020: Познати личности кои се заразија со Ковид-19

Бројот на луѓе кои страдаат од коронавирус се зголемува секојдневно, вклучително и некои од најпознатите светски личности од политичкиот и јавниот живот.

„На крајот јас ќе бидам во право. Изјавив неодамна дека коронавирусот ќе исчезне и тоа сега пак го повторувам“, изјави во јули американскиот претседател Доналд Трамп.

Два и пол месеци подоцна, Трамп објави дека тој и неговата сопруга Меланија се позитивни на Ковид-19 и се наоѓаат во карантин.

Уште поостар став против коронавирусот имаше неговиот бразилски колега Жаир Болсонаро. Тој го сметаше Ковид-19 како „слаба настинка“ и ги обвини медиумите за ширење лажни вести, со цел да внесат страв меѓу населението. Неколку месеци подоцна, Болсонаро трипати по ред беше позитивен на Ковид-19. 

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека бил „асимптоматски“ инфициран со коронавирусот, неколку дена пред да биде повторно избран на претседателските избори на 9 август.

Британскиот премиер Борис Џонсон во март беше позитивен на коронавирусот. Тој повеќе денови помина во болница во Лондон. Три дена се наоѓаше на одделот за интензивна нега, каде добивал кислород и бил постојано под лекарски надзор. 

Кон средината на декември францускиот претседател Емануел Макрон објави дека е позитивен на Ковид-19 и замина во еднонеделна изолација.

Британскиот принц Чарлс (71) бил позитивен на вирусот, соопшти неговата резиденција на 25 март. Престолонаследникот се изолираше седум дена во неговата резиденција во Шкотска со лесни симптоми.

Принцот Алберт од Монако (62) беше позитивен на коронавирус, но неговото здравје „не предизвика загриженост“, соопшти неговиот кабинет на 19 март.

Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, Софи, беше позитивна на коронавирус по враќање од Велика Британија кон средината на мај. Поради тоа, и премиерот Трудо беше принуден да остане 14 дена во самоизолација.

Поранешниот италијански премиер, 83-годишниот Силвио Берлускони беше инфициран со коронавирус на почеток на септември, по што беше десетина дена хоспитализиран поради воспаление на белите дробови.

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, исто така, беше заразен со Ковид-19 во март, како и поранешниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, кој во март беше хоспитализиран поради позитивниот тест на коронавирус.

На листата на политичари кои во Србија беа заразени со коронавирусот се: Александар Вулин, Маја Гојковиќ, Чедомир Јовановиќ… На почетокот на пандемијата и српскиот претседател Александар Вучиќ се шегуваше и тврдеше дека „таму кадешто ќе ставите алкохол, таму коронавирус не расте“.

Коронавирусот не ги поштеди ниту спортистите.

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ во јуни доби позитивен тест на Ковид-19. Тој им извини на сите кои се заразени со вирусот за време на егзибицискиот турнир, кој го организирал во Србија и Хрватска.

Светскиот рекордер во спринт и осумкратен освојувач на олимписки златен медал Усеин Болт доби позитивен тест на коронавирус, потврди Министерството за здравство на 24 август. Атлетичарската легенда бил тестиран неколку дена по забавата по повод неговиот 34-ти роденден. Тој тогаш изјави дека се наоѓа во карантин и нема никакви симптоми.

НБА кошаркарот и напаѓач на Бруклин Нетс, Кевин Дурент во март беше заразен со коронавирус.

Бразилскиот фудбалер Нејмар е еден од тројцата играчи на ФК Пари Сен Жермен кои се заразиле со коронавирус. 

Меѓу фудбалерите, заразени со коронавирус се и играчот на Челзи, Калум Хадсон-Одои и на Сампдорија, Маноло Габијадини. Позитивен тест на Ковид-19 имаше и тренерот на Арсенал, Микел Артета, поради што неговиот тим беше во изолација.

Кошаркарот на Јута Џез, Руди Гоберт се потсмеваше и шегуваше во врска со коронавирусот, по што беше потврдено дека и тој самиот бил инфициран. Потсмевајќи се со вирусот, Гоберт ги допираше сите микрофони на прес-конференција, како и работите на неговите соиграчи во соблекувалната. Наскоро беше потврдено дека неговиот соиграч Донован Мичел исто така бил заразен со коронавирусот. Веднаш потоа и натпреварите во НБА лигата беа откажани.

Глумецот Том Хенкс и неговата сопруга, актерката и пејачка Рита Вилсон, се меѓу првите познати личности кои објавија дека се инфицирале со вирусот. Двојката го добила позитивниот тест на почетокот на март во Австралија. По закрепнувањето и враќањето во САД, Хенкс се ангажираше луѓето да се придржуваат кон мерките за спречување на ширењето на болеста.

Шпанскиот актер Антонио Бандерас кон средината на август доживеа непријатно изненадување на својот 60-ти роденден, откако му е потврдено присуство на коронавирусот. Бандерас изјави дека роденденот го поминал во изолација, дека е „поуморен од обично“, но „во надеж дека ќе закрепне што поскоро.“

Поранешниот борач кој стана филмска ѕвезда, Двејн „Рок“ Џонсон, е еден од најновите познати личности на листата на заразени со Ковид-19. Преку видео објавено во септември на Инстаграм тој откри дека заедно со сопругата и двете деца се позитивни на коронавирус, додавајќи дека со тоа доживеал тежок удар. Џонсон упати повик до луѓето да не ја политизираат пандемијата и да носат заштитни маски.

Триесет и четири годишниот глумец, Роберт Патисон, најмногу познат по улогата на романтичниот вампир Едвард Кален, беше позитивен на тест за Ковид-19.

Од Ковид-19 се заразија и повеќе светски музички ѕвезди.

Мадона била заразена со коронавирус кон крајот на турнејата Madame X. Пејачката и членовите на екипата биле болни по настапите во Париз кон почетокот на оваа година. На Инстаграм, каде таа помагала да се соберат средства за развој на вакцина против вирусот, Мадона ги информирала своите фанови дека таа е позитивна на антитела, што значи дека веќе го имала вирусот, без да знае.

Американската пејачка Пинк изјави на 5 април дека две недели претходно добила позитивен тест на коронавирус и е веќе здрава. Таа дала еден милион долари за помош во борбата против Ковид-19.

Италијанскиот оперски пејач Андреа Бочели истакна дека се чувствувал како да „живее кошмар“ за време на борбата со вирусот во март.

Пласидо Доминго, еден од најголемите оперски пејачи во светот, објави во март дека има коронавирус и се наоѓа во изолација.