Македонија
31. January 2018 - 13:41

Судењето за „Траекторија“ почнува од почеток

Во Кривичниот суд денеска се одржува рочиште за предметот „Траекторија“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Судијата Горан Бошевски рече дека судењето почнува од почеток бидејќи е променет судечкиот совет. На рочиштето присуствуваат Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски.

Адвокатите на рочиштето побараа од СЈО да им ги достави снимените разговори на рака, за како што рекоа, да ги анализираат во изворна форма. Тие не прифаќаат „бомбите“ со прислушуваните разговори да ги преслушуваат во СЈО.

Адвокатот Димитар Дангов рече дека се работи за 315 аудио-снимки, кои се дел од доказниот материјал, кои ги побараа да ги анализираат и преиспитаат.

На денешното рочиште адвокатите ги оспорија и вештачењата за направената штета со изградбата на автопатиштата во износ од 155 милиони евра.

Адвокатот Дончо Наков рече дека вештачењата ги вршела подружница на странско правно лице.  Тој напомена дека барал од министерот за правда писмен документ за тоа кој може да биде вештак и посочи дека само Бирото за судски вештачења може да врши вештачења од ваков вид.

На вештаците Страхил Глигороски и Небојша Арсовски кои се ангажирани за „Траекторија“, како што рече Наков, им биле истечени лиценците.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека одбраната истите овие приговори ги поднела кога се ценел обвинителниот акт и додаде дека сега е фаза на судење и нема потреба да од повторување.

- Одбраната имаше и се уште има можност да ги слушне снимките пред тие да бидат дадени како доказ. Свесна сум за обемноста на целокупниот доказен материјал и повеќе пати упатив барање да дојдат и да ги разгледаат доказите. Дел од одбраната тоа го направи, а другиот дел сами одлучуваат како ќе ја подготват својата одбрана, рече Стефанова.

Судијата Бошевски  даде пауза, по која треба да просолжи судењето.

Во „Траекторија“ осомничени се Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.