Живот
20. July 2015 - 11:30

Студија за осаменоста

Breakfast.rs

Кон крајот на 50-тите години психијатарот Фрида Фром-Рајхман напишала есеј за нешто што во психоанализата долго се превидувало.

Таа сметала дека осаменоста се наоѓа во срцето на менталните болести и дека ниту еден пациент не е толку болен да не може да биде излечен со доверба и блискост. Нејзиниот есеј „За осаменоста“ од 1959 година, се смета за прв документ во полето на научното истражување кое може да се нарече студија за осаменоста.

Фром-Рајхман вистинската осаменост ја разликувала од самотијата на продуктивен уметник, минлива изолираност, незадоволство од моментното друштво, жалење кое здрав човек по некое време го надминува или депресијата која често е последица од осаменоста, отколку причина за појава на истата.

Според неа, осаменоста е потреба за блискост. Психолошката дефиниција на осаменоста денес не е многу променета. Дополнително, психолозите денес инсистираат на тоа дека осаменоста е едно внатрешно субјективно искуство, а не надворешна објективна состојба.

Осаменоста не е синоним за самотија, ниту опкруженоста со луѓе не гарантира заштита од чувство на осаменост.

Проучувајќи ја работата на клетките и нервите, научниците откриле дека осаменоста е опасна. Психолозите сега можат да покажат дека осаменоста испраќа лажни хормонски сигнали реорганизирајќи ги молекулите на гените кои се задолжени за однесувањето и нарушувајќи многу други системи.

Тие докажале дека долгорочната осаменост може не само човек да го направи болен, туку од неа може и да се умре. Емотивната изолација е означена за подеднакво ризичен фактор за смртност како и пушењето.

Психобиолозите осаменоста ја довеле во врска со многу телесни болести како Алцхајмеровата, дебелината, дијабетесот, високиот крвен притисок, болестите на срцето, невродегенеративните болести, па дури и ракот - туморите метастазираат побрзо кај осамените луѓе.

Осамените луѓе се често аутсајдери. Тие често се стари, сиромашни, малтретирани, тие кои се поинакви на некаков начин... Истражувањата потврдуваат дека луѓето кои трпат дискриминација често се поосамени од другите. Клучна работа кај осаменоста е чувството на отфрленост.

Психологот Наоми Еисенберг со експеримент докажала дека чувството на отфрленост активира дел од мозокот кој се вклучува во случај на физичка болка. Од друга стрнаа, контроверзните и сурови експерименти со макаки мајмуни, кои ги вршел научникот Хери Харлоу или експерименти од понови датуми, кои ги правел Стиви Суоми, покажале дека недостигот на родителска љубов во раниот период, го отежнува вклопувањето во заедницата и го зголемува ризикот од осаменост во текот на целиот живот.

На едно подлабоко ниво, истражувањето на осаменоста не тера да ја прифатиме нашата неверојатна прилагодливост на општествените сили. Оваа подложност во исто време е и застрашувачка и возбудлива. Од една страна имаме несреќен факт дека изолираноста, посебно кога потекнува од обесправеност на сиромашните, создава телесни ограничувања кои лесно се репродуцираат во следните генерации.

Од друга страна, постои и нешто воодушевувачко во нашата отпорност и можност за регенерација. Ако ставите сираче во хранителско семејство, неговиот мозок ќе ги поправи врските кои недостасуваат. Ако научите осамено лице да реагира на другите луѓе без страв и параноја, по некое време неговото тело ќе прави помалку хормони на стрес и помалку ќе се разболува.

Поради оваа отпорност кој секој вродено ја поседува, исклучително е важно осаменоста да се препознае и да се третира во сите животни возрасти.