Македонија
26. September 2022 - 12:32

Струмичката Брза помош со реновирани простории

Итната медицинска помош во Струмица ги подобрува условите за работа. За прв пат откако постои службата, објектот во кој таа е сместена целосно е обновен и реконструиран. Од Здравствениот дом информираат дека со претходно  набавените  нови возила и опрема заокружуваат една функционална целина со која стручните тимови добиваат многу подобри услови за работа, а пациентите поквалитетна здравствена заштита.

Од итната  медицинска помош велат дека новите услови за работа значат многу и за нив, но и за пациентите бидејќи се работи за служба која покрива четири општини и има голем обем на работа.

Од Здравствен дом Струмица информираат дека службата за итна медицинска помош нема да биде единствената во која ќе инвестираат во наредниот период. До крајот на годината од сопствениот буџет,  установата  комплетно ќе ја обнови пароводната линија стара неколку децении, планирана е набавка на уште еден имунолошки анализатор за службата за лабораторија која подолго време не е функционална, а ќе следи и реконструкција на службата за вакцинација.