Македонија
10. November 2022 - 8:44

Стручна расправа за предлог новиот Кривичен законик

Стручна расправа за предлог новиот Кривичен законик ќе се одржи денеска и утре во Скопје во организација на Министерството за правда, во соработка со Мисијата на ОБСЕ.

На отворањето на дводневната расправа, како што е најавено, воведни обраќања ќе имаат министерот за правда Никола Тупанчески, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која.

Осврт на измените во Општиот дел на Предлог-Кривичниот законик, ќе даде академик Владо Камбовски, кој е претседател на Комисијата за подготовка на новиот Кривичен законик.

На првиот ден од стручната дебата ќе дискутира по однос на измените во Глава 14: Кривични дела против човештвото; Глава 15: Кривични дела против животот и телото и Глава 22: Кривични дела против половата слобода.

Вториот ден од стручната дебата ќе биде поделен во два дела. Во првиот, претпладневен дел, како што е најавено, ќе се отвори дискусија по однос на измените во Глава 24: Кривични дела против здравјето на луѓето; Глава 25: Кривични дела против животната средина и природата и Глава 26: Кривични дела против имотот.

Во попладневниот втор дел од стручната дебата, ќе се дискутира по однос на измените во Глава 28: Кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството; Глава 33: Кривични дела против службената должност и Глава 36: Кривични дела против јавниот ред.