Македонија
24. November 2020 - 21:17

Стотина медицински сестри ангажирани во ковид центрите немаат решение за вработување

Први на удар на коронавирусот, а без здравствено осигурување ниту со решен работен статус. Стотина медицински сестри, лаборанти, болничари и останат помошен медицински кадар и за време на пандемијата работат со договор на дело во Ковид центрите низ државата. Од Унијата на здруженија предводени од “За нас” повеќе пати повикуваа надлежните да најдат решение за вработување на овој дефицитарен кадар.

-Статусот договор на дело кој на жалост ни е присутен години наназад, па сега за време на пандемијата, тоа се медицински сестри кои што работат за републичкиот просек од 14.000 денари и немаат здравствено и пензиско осигурување.

-Сакате да кажете дека има сестри и во овој момент кои работат во Ковид центри, а немаат здравствено осигурување. Тоа значи доколку се инфицираат сами ќе треба да си го сносат трошокот за лекување?

-Да така е, апелираме до здравствените структури сите сестри кои сега работат со договор на дело не само во Ковид центрите и во останатите здравствени установи веднаш сега да им се направат отворени конкурси на кои што ќе бидат вработени во редовен работен однос, изјави Гордана Бешлиовска, престедател на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри.

Деновиве неколку здравствени установи кои третираат Ковид пациенти најавија огласи за вработување токму на медицински сестри, а предност ќе имале оние кои сега работат со договор на дело. Но, колку вкупно помошен медицински персонал е ангажиран на ваков начин во јавното здравство од министерството не добивме прецизна бројка поради системот на ротации од една во друга установа заради кризата.

Сите тие се водат и во агенцијата за вработување, каде според последните податоци на листата невработени се 2300 лекари и сестри.

-По барање на министерот за здравство д-р Венко Филипче, денеска Агенцијата за вработување до Министерството за здравство, достави информации за невработени лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои ќе им биде понудено вработување во ковид центрите низ државата, информираа од МЗ.

Во меѓувреме уште една група медицински сестри останаа без работа. На крајот на октомври им завршиле 5 месечните договори на 43 сестри ангажирани преку минатогодишниот проект на министерството за зајакнување на патронажната служба во Здравствен дом Скопје. Една од нив е Азра Чајани чие лице истоштено и со лузни од маски, беше користено во ПР кампања на здравство.

Вечерва министерот Филипче преку Фејсбук информираше дека од утре  овие медицински сестри се враќаат на работа! Договорите со кои беа ангажирани на определено време во Здравствениот Дом - Скопје им се продолжуваат. Тие и понатаму ќе ја работат најблагородната професија - спасување на човечки животи!