Македонија
15. October 2018 - 19:06

Стартуваше дебата за уставните измени: Заев понуди помирување, Димовски има план „Б“

Почна пленарната седница за утврдување на предлогот за уставни измени. Премиерот Зоран Заев со нов обид да го обезбеди дво третинското мнозинство. Тој на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им понуди помирување и простување за настаните од  27 април во име на тоа уставните измени да поминат, а државата брзо да се интегрира во НАТО и да почне преговори со ЕУ. Според него се работи за клучни моменти за иднината на државата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ привчно го одбиваат ваквиот предлог, велат дека барањето за помирување е задоцнето. Илија Димовски реплицираше на Заев дека алтернатива сепак има, помирувањето да се случи откако Собранието ќе ги отфрли уставните измени и ќе се врати на резолуцијата од 2008 година кога е постигнат национален конзензус за неменување на Уставот за промена на уставното име.

Собраниската дебата продолжи како минатонеделната комсиска расправа: власта да бара гласови за уставни измени во име на ЕУ и НАТО, а опозицијата да го негира договорот од Преспа и да се повикува на неуспешниот референдум.

За збор на пленарната седница која е прва фаза за уставни измени се пријавија 66 пратеници. Според собранискиот Деловник расправата може да трае најмногу 10 дена.

За да помине владиниот предлог за пристапување кон измени на Уставот потребни ќе бидат најмалку 80 пратеници. Засега според гласањето за дневен ред и говорите на пратениците власта располага со 72 пратеници.