Македонија
27. јуни 2022 - 16:33

ССМ го блокираше влезот на Скопје, КСС бара државна помош и за работниците од приватниот сектор

Со тричасовна блокада на влезот од Скопје Сојузот на синдикати на Македонија го продолжи штрајкот повикувајќи ги надлежните да го исполнат ветеното. 

Иако е во тек процесот на помирување, за сега нема најавена средба меѓу Синдикатот и Владата. 

Првите синдикалци штрајкуваа на главната крстосница во населбата Автокоманда, каде во периодот од 7 до 10 часот утрово пропуштаа само возила на итната медицинска помош, противпожарната служба и полициски возила. А вработените во јавниот сектор се на своето работно место но, не извршуваат работни задачи, освен во суштинските дејности и за итни случаи.

Во меѓувреме, Конфедерацијата на слободни синдикати преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе уште еден амандман во рамки на расправата за ребалансот, со кој бараат од буџетот да се одвојат околу 16 милиони евра за помош на работниците со најниски плати.

Синдикатите бараат покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор за 2.806 денари, колку што порасна минималецот и да се врати регресот за годишен одмор во јавниот сектор.