Бизнис
29. February 2016 - 14:00

ССМ ги информираше кумановци за безбедноста при работа

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска во Куманово одржаа состанок со Регионалниот синдикат и претставници од локалната самоуправа во рамки на проектот посветен за безбедна и здрава работна средина.

Претставниците од ССМ информираа за досега преземените активности во насока на подигање на надлежностите на претседателите на синдикалните организации со цел да се обезбедат сигурни работни места и да се намали бројот на несреќи на работа.

- Со најновите измени му се овозможува на претседателот на синдикатот да врши контрола на сите работни места најмалку два пати годишно. На некој начин воведовме проевропски тип кој му обезбедува на сидикалецот, доколку утврди дека не се исполнети безбедносните услови, да обезбеди дури и прекин на работата. Со овој закон на претседателот на синдикатот му се овозможува задолжително да биде присутен при составување на записникот во рок од 48 часа и работодавачот задолжително да мора го информира за повредите при работа. Новина е и тоа што за помладите категории на лица и оние кои извршуваат работа како студенти или друг тип млади работници задолжително е спроведување на обука и безбедност и здравје при работа, изјави претседателот на ССМ, Живко Митревски.

Нагласи дека останува и бесплатната правна заштита која синдикатот ја нуди за своето членство.

Според Митревски, ова е интегриран процес во кој мора да бидат вклучени сите засегнати страни кои треба да работат на јакнење на свеста за безбедност и здравје при работа.

Претседателот на Регионалниот синдикат Миле Спасовски посочи дека се спроведени анкети во компаниите и јавните препријатија каде што функционираат синдикални организации во однос на информираноста за безбедноста и здравјето при работа и во однос на измените на законот.

- Вработените и самите претставници од вработените задолжени за безбедност при работа добро го познаваат законот, изјави Спасовски, додавајќи дека набавката на опрема за заштита при работа е обврска на работодавачите, а онаму кадешто има отстапувања, вработените можат тоа да пријават во Инспекторатот за труд.

Весна Ристовска, менаџер на проектот од МЗЗПР рече дека статистичките податоци укажуваат оти околу 2.3 милиони луѓе во светот умираат како последица на професионална болест и несреќа.

- МЗЗПР изработува неофицијални извештаи каде што во 2014 година се евидентирани 120 несреќи и повреди при работа, рече Ристовска.

По завршување на проектот, Синдикатот очекува целосно да се имплементира Законот.

- Податоците од терен покажуваат дека со воведување на овој закон откако ССМ го актуелизираше како важен закон, да се подигне свеста кај работодавачите, да се намалат несреќите при работа и да се зголеми бенефитот кај работодавачите, изјави Лидија Насковска од ССМ.

Денешниот состанок во Куманово е дел од десетте состаноци што се спроведуваат на регионално ниво во рамки на проектот кој е поддржан од Европска Унија. Проектот ќе се спроведува 15 месеци.