Балкан
27. March 2018 - 15:20

Српска листа ја напушта косовската Влада и најави формирање на ЗСО

- Српската листа излегува од косовската Влада, а 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини, изјави денеска претседателот на партијата Горан Ракиќ.
 
Тој информираше дека одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ, кого постојано го информирале за вчерашните случувања во Косовска Митровица и одлуките кои се носеле.
 
- Српска листа ќе излезе од Владата на привремените институции и тие нема да ја имаат поддршката на Српска листа, истакна Ракиќ по средбата со Вучиќ во Белград. 
 
Тој нагласи дека партијата ја донела ваквата одлука раководејќи се не само од „бруталниот и терористички напад над преставниците на Србите во Митровица“, туку и поради генералниот однос на албанското мнозинсво кон нив во Косово.
 
Ракиќ воедно побараа и одговорност за „непотребното пречекорување на силата на полицијата“, порачувајќи дека Србите остануваат во Косово да се борат за своите права на демократски начин.
 
Тој најави дека утре во Косовска Митровица ќе се одржи седница на сите 10 општини во Косово со мнозинско српско население, на која ќе се договораат за формирањето на ЗСО.
 
Ракиќ изјави дека пет години откако е потпишан Бриселскиот договор, Приштина не ја исполнила обврската да ја формира ЗСО, па затоа тоа ќе го направат сами српските општини. 
 
Како што јави дописникот на МИА од Белград, пред новинарите се обрати и директрот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, кој воедно е и главен преговарач на Белград во бриселскиот дијалог, кој вчерашните настани во Косовска Митровица ги оцени како „обид за освојување на северно Косово од страна на косовската полиција“.
 
Според него, ваквиот „брутален напад“ на специјалната косовска полиција врз него и Србите на Косово, бил поддржан од одредени западни кругови и претставува „поткопување на дијалогот и на можното компромисно решение“.
 
Ѓуриќ нагласи дека не знае дали ќе продолжи бриселскиот дијалог, со констатација дека „вчера Албанците покажале што мислат за разговорите“.
 
Припадници на косовската полиција синоќа упаднаа за време на одржувањето на средба на локалните Срби во Косовска Митровица, при што беше приведен Ѓуриќ и беа повредени вкупно 32 лица, од кои пет потешко, а меѓу нив и косовскиот министер за земјоделство Ненад Рикало. Меѓу повредените има и претставници на медиумите.