Македонија
7. April 2019 - 21:11

Средби на Џафери со Браке и Нигматулин во Доха, Катар

Во рамки на 140-то Собрание на ИПУ, што се одржува во Доха, Катар, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија остварил билатерални средби со Зигфрид Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија и Нурлан Нигмтатулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан.

На средбата со Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија, соопшти денеска собраниската прес-служба, претседателот на Собранието Џафери изразил задоволство од средбата и истакнал дека односите помеѓу двете држави се одликуваат со пријателство, добри дипломатски односи и отворена соработка на сите полиња. Тој информирал за активностите на Собранието и напредокот на нашата земја во евроатланскиот интеграциски процес, при што подвлекол дека досега 11 земји членки го ратификувале Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Изразил надеж дека до наредниот Самит на НАТО во Лондон, нашата земја ќе стане полноправна членка на Алијансата. Исто така, Џафери информирал дека се работи интензивно на исполнување на препораките за реформи, и се очекува во јуни оваа година нашата земја да добие датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

Браке ги поздравил историските чекори на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроатланска и европска интеграција и подвлекол дека Кралството Белгија високо ги цени напорите кои ги правиме во реформскиот процес, особено во делот на владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Тој истакнал, стои во соопштението од собраниската прес-служба, дека Кралството Белгија ја поддржува нашата земја во нејзините стратешки определби – членството во НАТО и ЕУ. Нагласил дека по завршувањето на изборите, и Белгија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На средбата било разговарано и за продлабочување на економската соработка, како еден од најзначајните сегменти, особенo имајќи го предвид големото присуство на белгиски инвестиции во Република Северна Македонија.

На средбата со Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан, претседателот на Собранието Џафери истакнал дека билатералните односи меѓу двете земји се на одлично ниво и постојат можности за соработка во сите области. Џафери изразил задоволство што во двете земји постои интерес за зајакнување на економската соработка, зголемување на трговската размена и иницирањето на инвестициски активности. Тој подвлекол дека заради геостратешката положба на Казахстан, постои долгорочен стратешки интерес за економско присуство на нашата земја, при што енергетскиот сектор би бил примарен за соработка и во оваа насока, Северна Македонија би можела да се позиционира како мост за економска соработка на Казахстан и регионот пошироко.

Нигматулин изразил задоволство од средбата и воедно во рамки на претседавањето на Состанокот на спикери на парламентите на Евроазија, упатил покана до претседателот на Собранието Џафери за официјална посета на Казахстан, истакнувајќи дека парламентарната дипломатија е значајна за унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи и соработка меѓу двете земји. Тој се согласил дека економската соработка е многу значајна и оти постојат бројни можности за соработка, како во областа на енергетиката, така и во други области, а во прилог на тоа се и постојаните взаемни посети на бизнисмени заинтересирани за инвестирање во повеќе сектори во Република Северна Македонија.

На средбата акцент бил ставен и на поддршката на Република Северна Македонија на иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, која е особено изразена во рамки на ОН и ОБСЕ.