Македонија
22. December 2016 - 10:28

Средба на Јолевски со поранешните министри за одбрана

Министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски во Домот на АРМ имаше работен ручек со поранешните министри за одбрана Трајан Гоцевски, Владо Бучковски, Јован Манасиевски и Зоран Коњановски.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на вчерашната средба министерот Јолевски информирал за активностите на Министерството во 2016 година, како и степенот на реализација на проектите чија основна цел е унапредување на стандардот на припадниците на АРМ, на процесот на модернизација на Армијата, планираните набавки како и потребната опрема, која е согласно сите стандарди на НАТО-алијансата.

Министерот истакнал дека станува збор за најголемиот процес за модернизација досега и дека тоа во голема мера ќе влијае на опременоста и интероперабилноста на Армијата со армиите на земјите-членки на НАТО.
 
- Македонија работи напорно на исполнување на стратегиската цел членство во НАТО. Воедно, продолжуваме и со придонесот кон глобалниот мир и безбедност, преку континуираното учество во мировните мисии предводени од НАТО, Обединетите Нации и Европската Унија. Македонија е исклучително активна на регионално ниво, а пример за тоа е фактот дека оваа година Скопје и Македонија станаа постојано седиште на Балканските медицински наменски сили, во периодот од 2020-2026 година ќе бидат домаќини на Бригадата на Југоисточна Европа, а во текот на 2017 година во Македонија ќе се организираат конференциите на министрите за одбрана и на началниците на Генералштаб на земјите-членки на САД-Јадранската повелба, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
 
На средбата министерот Јолевски и поранешните министри за одбрана, како што се наведува, разговарале и за геополитичките поместувања во регионот и во Европа, а размениле и искуства и ставови во однос на развојот и реформите во одбраната во 2017 година.