Балкан
9. July 2020 - 17:49

Средба Дендиас - Сијарто во Атина

Односите со Турција, миграциското прашање, туризмот, Западен Балкан беа дел од темите за кои разговараа министрите за надворешни работи на Грција и на Унгарија на нивната денешна средба во грчкото Министерство за надворешни работи, а паралелно Никос Дендиас и Петер Сијарто потпишаа и Меморандум за соработка во областа на туризмот, јави дописничката на МИА од Атина.

На прес-конференцијата по средбата, Дендиас и Сијарто акцентот го ставија на мигранското прашање за кое потенцираа дека е потребна заштита на надворешните граници на ЕУ.

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека во земјите-членки на Унијата, може да се влезе само на легален начин истакнувајќи дека е криминално дело обидот за нелегален влез, не постои никакво оправдување за тоа и додаде дека мигрантите, кои немаат никакво право да бидат во ЕУ, треба да се враќаат во земјите од каде пристигнале.

Тој посочи дека паралелно е потребна подготвеност за можноста да има нови бранови мигранти откако ќе помине пандемијата.

Министерот за надворешни работи на Грција рече дека претстојната ревизија на заедничиот европски систем за азил треба во основа да има праведна распределба на одговорностите и обврските.

Дендиас се задржа и на односите со Турција, повторувајќи дека Грција е отворена за дијалог, но овој дијалог треба да биде базиран на меѓународното право, на поморското право и добрососедските односи.

Во однос на Западен Балкан, Дендиас изрази надеж дека за конкретното прашање, со Сијарто ќе можат одново да разговараат на есен на островот Крит.

Шефот на грчката дипломатија спомена дека со неговиот унгарски колега разговарале и за пругата што ќе ги поврзе Будимпешта и атинското пристаниште Пиреас.