Македонија
18. July 2019 - 16:03

Специјалната обвинителка Катица Јанева отворила боледување, ОЈО потврди дека премиерот Заев прв пријави рекет врз бизнисмени

Премиерот Заев бил првиот кој во јавното обвинителство и обвинителството за организиран криминал и корупцоија го пријавил случајот рекет. Од јавното обвинителство за Сител потврдуваат дека премиерот ги контактирал обвинителите Јовески и Русковска во април годинава и дека му било укажано дека е најдобро оштетениот бизнисмен самиот да поднесе кривична пријава. Според извори на Сител од истрагата, телефонските разговори на Заев со Обвинителите согласно законот биле писмено евидентирани. Подоцна бизнисменот и самиот поднел пријава за рекетот па јавното обвинителство отворило истрага.

Во изјава за Независен обвинителката Русковска потврдува од каде пристигнала првата дојава за случајот Рекет.

„Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“ вели Русковска.

И Јовески за фокус го потврдува разговорот со премиерот и вели дека нема селективност во истрагата.

„Обвинителството прави напори овој случај да го истражи до крај. До кого и да стигнеме ќе постапиме соодветно“, вели Јовески.

Премиерот вчера на прес конференција обелодени дека самиот пријавил рекет кон бизнисмени без да открие дали се работи за бизнисменот Орце Камчев.

Во меѓувреме специјалната обвинителка 3 ден не се појавува во СЈО на работното место на кое најави дека ќе остане се до постигнувањето договор на партиите за иднината на оваа институција.

Од СЈО за Сител официјално велат дека Јанева отворила боледување на 16ти јули годинава. Тоа е ден по нејзината оставка кога колегите обвинители на прес конференција се оградија од нејзината евентуална поврзаност со случајот Рекет.

За време на нејзиното отсуство, Јанева ќе биде заменувана од обвинителите Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска.