Македонија
1. November 2016 - 13:11

Советување за „Кривично правна заштита на правата од интелектуална сопственост“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со данската Канцеларија за патенти и трговски марки, во рамките на ЕУ твининг проектот „Зајакнување на спроведување на правата од интелектуална сопственост“, организира дводневно советување за „Кривично правна заштита на правата од интелектуална сопственост“.

Советувањето, кое почна денеска во Академијата, е наменето за судиите од кривичните оддели и јавните обвинители од апелациските подрачја Скопје и Гостивар и претставници на Министерството за внатрешни работи од соодветни сектори.

Целта на твининг проектот, како што рече во воведното обраќање директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, е да ја поддржи земјата корисник во усвојување и спроведување на најдобрите меѓународни практики во врска со спроведување на правата од интелектуална сопственост во рамките на клучната цел за спроведување на ефикасноста за подготовка на земјата за членоство во ЕУ.

Арнаудовска посочи дека во рамки на советувањето ќе бидат опфатени значајни теми, а акцент ќе биде ставен на важноста на заштитата и спроведување на правата од интелектуална сопственост, за заштита на трговски марки, за заштита на авторски права, за спроведување на правата од интелектуална сопственост – меѓународна и ЕУ рамка, за прибирање на докази, за кривични казни во случаите на повреда на правата од интелектуална сопственост, за повреда на трговски марки, за повреда на авторски права...

Според претставникот на проектот Славица Петковска, целта на проектот е да се зајакнат институционалните капацитети на Државниот завод за индустриска сопственост и оперативниот капацитет на Царинската управа.

- Проектот ќе обезбеди ефикасна и квалитетна поддршка на надлежните институции во земјата корисник да се здобијат со знаење на правата од интелектуална сопственост и за борбата против прекршување на тие права, додаде таа.

Пред учесниците на  советување излагања ќе имаат судии на Врховните судови во Италија и Романија, Виторио Рагонеси и Моника Лоредана Поп, како и делегираниот полициски офицер во Канцеларијата на јавниот обвинители при Врховниот суд на Република Романија, Флорин Алеџандру.

За националната судска пракса поврзана со кривични предмети од областа на интелектуалната сопственост ќе говори јавниот обвинител на Основно јавно обвинителство Скопје, Гордана Гешкоска.

Согласно проектните компоненти, како што беше речено на советувањето, предвидени се уште четири обуки посветени на првата од интелектуална сопственост кои ќе се однесуваат на различни аспекти на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост, и тие ќе се реализираат во текот на овој месец и секоја од нив ќе опфати одредена целна група.